Скокни до содржина

Добриот Домаќин

Да се оддалечиме од катастрофалните ефекти на животот, во овие мрачни времиња, е навистина многу тешко, но неопходно, инаку животот нѐ проголтува.

Секоја работа што човек ја прави на себеси со цел да постигне психички и духовен развој, секогаш е поврзана со добро разбрана изолација, бидејќи под влијание на животот каков што секогаш сме го живееле, не е можно да се развие ништо друго освен личноста.

Во никој случај не се обидуваме да се спротивставиме на развојот на личноста, очигледно таа е неопходна во постоењето, но секако е нешто чисто вештачко, не е вистинското, реалното во нас.

Ако кутриот интелектуален цицач погрешно наречен човек не се изолира, туку се идентификува со сите случувања во практичниот живот и ги троши своите сили на негативни емоции и на лични самосожалувања и на залудно безначајно муабетење и двосмислени разговори, ништо возвишено, ниеден вистински елемент не може да се развие во него, освен она што припаѓа на светот на механизацијата.

Секако, оној кој навистина сака да го постигне развојот на Суштината во себе, мора да стане херметички затворен. Ова се однесува на нешто интимно тесно поврзано со тишината.

Фразата потекнува од старите времиња, кога тајно се учела Доктрина за внатрешниот развој на човекот поврзана со името на Хермес.

Ако сакаме нешто реално да расте во нашата внатрешност, јасно е дека мора да го избегнеме истекувањето на нашите психички енергии.

Кога имаме истекување на енергија и не сме изолирани во нашата интимност, несомнено е дека нема да можеме да го постигнеме развојот на нешто реално во нашата психа.

Обичниот, секојдневен живот сака немилосрдно да нѐ проголта; ние мора да се бориме против животот секојдневно, мора да научиме да пливаме спроти струјата…

Оваа работа оди против животот, се работи за нешто многу различно од секојдневието, а сепак мора да го практикуваме од момент во момент; сакам да зборувам за Револуцијата на Свеста.

Очигледно е дека ако нашиот став кон секојдневниот живот е фундаментално погрешен; ако веруваме дека сѐ ни оди добро, така без причина, ќе дојдат разочарувањата…

Луѓето сакаат работите да им одат добро, „така без причина“, бидејќи сѐ треба да оди според нивните планови, но суровата реалност е поинаква, сѐ додека човекот не се промени внатрешно, сакал тоа или не, секогаш ќе биде жртва на околностите.

Се зборува и се пишува за животот, многу сентиментални глупости, но овој Трактат за Револуционерна Психологија е поинаков.

Оваа Доктрина оди директно на работа, на конкретни, јасни и дефинитивни факти; нагласено тврди дека „Интелектуалниот Животински“ погрешно наречен човек, е механички двоножен, несвесен, заспан.

„Добриот Домаќин“ никогаш не би ја прифатил Револуционерната Психологија; ги исполнува сите свои должности како татко, сопруг итн., и затоа мисли за себе најдобро, но служи само за целите на природата и тоа е сѐ.

За разлика од тоа, ќе кажеме дека постои и „Добар Домаќин“ кој плива спроти струјата, кој не сака да биде проголтан од животот; сепак, овие субјекти се многу ретки во светот, никогаш не се изобилни.

Кога човекот размислува во согласност со идеите на овој Трактат за Револуционерна Психологија, добива правилна визија за животот.